Директор

СУЗАНА НАСТОВСКА

„Успешните училишта не се јавуваат туку така, тие се успешни затоа што луѓето ги прават успешни. А, истите тие луѓе имаат удел во раководењето.” – Мајкл Харисон

Современото општество, брзиот тек на промените и новините во образовниот систем имаат потребата од квалитетно водство во училиштата. Успешен водач е оној, кој ќе ги разбере и мотивира вработените, неговите цели да станат нивни задачи и преокупација, користејќи ги методите на разбирање, соработка и партиципација.

Работата на директорот е да биде насочена кон организирање на севкупната работа на училиштето во организација и реализација на воспитно-образовната и стручната работа на училиштето и во обезбедувањето на најоптимални услови за нормално изведување на наставата.

Улогата на директорот на училиштето добива поголема општествена одговорност како водач кој ги креира, промовира, реализира и евалуира промените во училиштето. Од огромна важност е директорот на училиштето да создаде тим и клима на високи очекувања за успех, како кај наставниците, така и кај учениците.

Во училиштето ООУ „Блаже Конески” се постигнувале и се уште се постигнуваат високи резултати, но секогаш постои простор за постигнување на уште поголеми резултати, како и подобрување на работата и животот на училиштето во сите области: знаење, спортски активности, култура на однесување. Како директор и заедно со наставниците, секогаш ќе бидеме подготвени да се обидеме да направиме нешто подобро за учениците, за нашата иднина.

Успешната работа на секое училиште се темели на четири столбови:

      1. Училишната економија (зграда, опрема, финансии)
      2. Наставен план и програми
      3. Училишно окружување (државните институции, локалната средина, родителите, социјалните партнери)
      4. Наставниците и учениците

Овие четири елементи ја образуваат училишната клима која е од важно значење за успешно функционирање на училиштето.

Визијата на училиштето „Блаже Конески” кон која би требало да се стремиме, се состои во следното:

„ Сакаме училиштето да биде безбедна и дисциплинирана средина каде учениците ќе доаѓаат со задоволство, затоа што во него ќе се создаваат услови за современа, ефикасна и квалитетна настава која ќе биде прилагодена на потребите и интересите на учениците, наставниците и државата. “

Се стремиме работата во училиштето да се темели на детските права, инклузивноста, креативноста, еколошката свесност, сигурноста и безбедноста во која сите ученици ќе напредуваат според своите индивидуални способности, како и на унапредување на професионалниот развој на наставниците.

Приоритетните активности на училиштето и натаму ќе се продлабочуваат и конкретизираат. Програмата за работа на директорот на училиштето ќе биде отворена за доградување и унапредување во текот на учебната година.