БЛАЖЕ КОНЕСКИ

Mакедонски писател, лингвист и историчар. Роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово, Прилепско. Починал на 7 декември 1993 година Скопје, Република Македонија.

Занимање: поет, писател, филолог, лингвист.

Основното образование го започнал во Небрегово, но по преселбата го продолжил и завршил во Прилеп, каде завршил и нижа гимназија, и како најдобар ученик во училиштето како стипендист оди во Крагуевац, да учи виша гимназија која ја завршува. По завршувањето на гимназијата во Крагуевац, во Белград, се запишува на Медицинскиот факултет, но после еден семестар следи студии по филологија, а по капитулацијата на Кралство Југославија, на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ продолжува да студира филологија.Имајќи едно вакво животно искуство по ослободувањето активно се вклучува во стандардизирањето на македонскиот јазик. Го составил правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“. Основач е на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет (од 1958до 1963 бил негов ректор). Во 1967 станува член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и е нејзин прв претседател (до 1975). Истотака бил член на Македонскиот ПЕН центар и член на Друштвото на писателите на Македонија од 1947 година и негов прв претседател.

Работел и како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“.
Конески е вонсериски лингвист, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филилошкиот Факултетво Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб,, Белград, Сараево, Чикаго Лоѓ. Конески е вистински полиграф. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата итн.).
Тој е и истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн,Хајне,Неруда, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици. И ден-денес неговото име се споменува доста често во научните и културните кругови.

Творештво – Секоја песна има свое време и свој поет, а тоа најдобро се гледа од констатацијата на Конески: „Јас сум свесен дека денеска не можам да напишам еден текст како ’Тешкото‘, иако сега ја владеам поетската вештина секако повеќе отколку во 1946 година.“ Најлапидарните аманети за процесот на раѓањето на проста и строга македонска песна Конески ни ги оставил токму во своите куси песни. Само со неколку стихови тој сугерира дека создавањето (откривањето) на песната е природен, спонтан чин:

И песната е дел од флората, Таа никнува како смреката, како бамјата, како гравот. И во песната „Поетика“ е артикулирана мошне слична идеја:
Јас песните ги берев од дрвото на живототкако што селаните во Ракотинци пред Дуовден берат зрели цреши од црешовите дрвја. Со овие извонредни препеви, на крајот од својот творечки пат, Конески му ги открива на македонскиот читател философските длабочини и естетските дострели на древноисточните литератури.

Земјата и љубовта (поезија, 1948)
Македонски правопис со правописен речник (со Крум Тошев, 1950)
Граматика на македонскиот литературен јазик (прв дел, 1952)
За македонскиот литературен јазик (1952)
Песни (1953)
Граматика на македонскиот литературен јазик (втор дел, 1954)
Везилка (поезија, 1955)
Лозје (кратки раскази, 1955)
Речник на македонскиот јазик (1961)
Песни (1963),
Историја на македонскиот јазик (1965)
Речник на македонскиот јазик (книга втора, 1965)
Речник на македонскиот јазик (книга трета, 1966)
Стерна (поезија, 1966)
Ракување (поема, 1969)
Јазикот на македонската народна поезија (1971)
Беседи и огледи (1972)
Записи (поезија, 1974)
Стари и нови песни (1979)
Места и мигови (поезија, 1981)
Чешмите (поезија, 1984)
Македонскиот XIX век, јазични и книжевно-историски прилози (1986)
Ликови и теми (есеи, 1987)
Послание (поезија, 1987)
Тиквешки зборник (студија, 1987)
Средба во рајот (поезија, 1988)
Црква (поезија, 1988)
Дневник по многу години (проза, 1988)
Златоврв (поезија, 1989)
Поезија (Константин Миладинов), читање на Блаже Конески (1989)
Сеизмограф (поезија, 1989)
Македонски места и теми (есеи, 1991),
Небесна река (песни и препеви, 1991),
Светот на легендатата и песната (есеи и прилози, 1993),
Црн овен (поезија, 1993)

You cannot copy content of this page

error: Содржината е заштитена !!