На 5 јуни 2021 година се реализираше завршна манифестација XVII Републички литературен детски фестивал „Ракатки 2021“, под покровителство на Министерството за култура, во дворот на ООУ „Блаже Конески“ – Скопје.
Не беше случајно избран просторот на ООУ „Блаже Конески“, бидејќи сите ние сме вистински следбеници на Св.Климент, Крсте Мисирков, Кочо Рацин и Блаже Конески. Во оваа година кога празнуваме 100 години од раѓањето на нашиот патрон, воедно претседател на фестивалот е наставничката Јадранка Клисарова.
Детскиот фестивал „Ракатки“ има за цел да ги афирмира младите литерати од основните училишта ширум земјата, а со тоа да им даде препознатливост на литературните секции и менторите, кои секојдневно работат со младите во училиштата. Конкурсот за фестивалот секоја година се објавува во дневниот весник Нова Македонија – Колибри, кој медиумски го поддржува фестивалот.
Секоја година на фестивалот настапуваат голем број млади литерати, чии поетски и прозни творби се избрани како најдобри од жирито. Програмата е, исто така, збогатена со музички точки на млади уметници.
На фестивалот беа наградени 47 млади литерати и 47 ментори за своите поетски творби. Една од наградените учеснички беше и Јана Тасевска – IX одделение и нејзиниот ментор Марија Костовска. На фестивалот се претставија сите учесници со свои творби и врвни писатели.
Фестивалот „Ракатки“ нуди збогатување на духот, афирмација и инспирација на младите творци и нивните ментори, дружење, забава и создавање нови пријателства. Нашето училиште беше одличен домаќин и педагогот на училиштето Фоника Станоева ја прими благодарница од претседателот на XVII Републички литературен детски фестивал „Ракатки 2021“ .
Нова Македонија: Ништо не може да го сопре младешкиот креативен извор!